1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Кој е новиот руски министер за одбрана Андреј Белоусов?

Гжегож Шимановски
14 мај 2024

Среде војна против Украина, економистот Андреј Белоусов станува нов министер за одбрана на Русија. Човекот од доверба на Владимир Путин треба да ја снабдува армијата и да ја стимулира воената економија. Кој е Белоусов?

https://p.dw.com/p/4fpPs
Новиот руски министер за одбрана Андреј Белусов
Новиот руски министер за одбрана Андреј Белусов е економистФотографија: Vladimir Astapkovich/dpa/picture alliance

На почетокот на својот петти претседателски мандат, Владимир Путин уште повеќе ја претвора својата земја во воена економија. Сега во тоа треба да му помогне економист без армиско искуство.

Путин го номинираше Андреј Белоусов, досегашен вицепремиер, за функцијата министер за одбрана на Русија. Одобрувањето од страна на парламентот се смета за сигурно. Претходниот министер за одбрана Сергеј Шојгу треба да стане претседател на Советот за национална безбедност.

Белоусов нема отслужено ни воен рок. Но, со неговиот избор, Путин сака подобро да се позиционира во исцрпувачката војна против Украина.

„Во денешно време, победник на бојното поле е оној кој е поотворен за иновации“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, коментирајќи ја промената. И, „економијата на моќниот блок“ треба подобро да се интегрира „во економијата на земјата“.

За оваа задача, Белоусов е „разбирлив кандидат“, вели за ДВ руско-американскиот политиколог Нина Хрушчова.

„Од една страна, тој не е отфрлен од пазарните економисти, а од друга страна, тој е посветен на приматот на државата во економијата“, вели таа.

Кој е човекот кој среде војна го презема рускиот одбранбен ресор?

Човек од доверба на Путин

Андреј Белоусов, роден во Москва како син на економист, има 65 години. Го следел примерот на својот татко и студирал економија.

Потоа се занимава со пазарни прогнози во Руската академија на науки. Тој ја советуваше владата и беше заменик-министер за економија помеѓу 2006 и 2008 година.

2008 година беше клучна за неговата кариера. Во тоа време, Путин, кој од претседател премина на позицијата премиер, го назначи за шеф на неговиот економски оддел. Така тој имал директен контакт со Путин. Оттогаш, Белоусов се вбројува меѓу луѓето од блиското опкружување на рускиот претседател.

Се вели дека неговата директна зависност од Путин, како и фактот дека Белоусов не припаѓа на ниту една од фракциите кои се борат за влијание во Кремљ, го прават помалку ранлив на корупција. Неговиот претходник Шојгу особено често беше обвинуван за корупција. Неодамна, заменикот на Шојгу беше дури и уапсен, што многу набљудувачи со право го протолкуваа како знак дека тој наскоро ќе биде отповикан.

Владимир Путин и Сергеј Шојгу
Парада за „Денот на победата“ на 9 мај 2024 година во Москва - Шојгу (д.) сè уште беше министер за одбранаФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP Photo/picture alliance

Технократ кој ја поддржа анексијата на Крим

Откако важи за човек на Путин, Белоусов ја извршуваше функцијата министер за економија (од 2012 до 2013 година), економски советник на претседателот (2013 до 2020 година) и прв вицепремиер од 2020 година. На овие позиции, тој имаше значително влијание врз руската економска политика во последните години. Тој е познат како поддржувач на владините инвестиции во економијата.

Во 2014 година, тој беше еден од ретките економски експерти околу Путин што ја поддржа анексијата на Крим, објави рускиот портал „Ѕвоно“ пред неколку години. Исто така, се вели дека Белоусов ја гледа Русија како земја „опкружена со непријатели“. Овој светоглед веројатно му обезбедува и блискост со Путин.

„Во последниве години, Белоусов беше опседнат со идејата за технолошкиот суверенитет на Русија“, пишува на мрежата Телеграм независната руска новинарка Фарида Рустамова, која е специјализирана за руски елити.

Така, под водство на Белоусов, беше напишан концептот на технолошки развој до 2030 година. Дотогаш, според планот на Белоусов, Русија треба да научи да произведува чипови, машини со висока прецизност, медицински апарати и софтвер, авиони и дронови, пишува Рустамова.

борбен дрон Украина
Борбените дронови во Русија доаѓаа главно од Кина и ИранФотографија: Efrem Lukatsky/dpa/AP/picture alliance

Одбранбената индустрија треба да обезбеди економски раст

Уште како вицепремиер, Белоусов беше силно посветен на развојот на домашната индустрија за беспилотни летала. Тој постојано го критикуваше фактот дека важни делови од производниот синџир се лоцирани во странство.

„Белоусов е заинтересиран за иновации во вооружените системи и јасно е дека тоа ќе биде еден од неговите приоритети“, оценува за ДВ Александра Прокопенко од Карнеги центарот Евроазија Русија во Берлин.

Од друга страна,  според планот на Кремљ, од огромните издатоци за одбрана полза треба да има и остатокот од руската економија. Според портпаролот Песков, буџетот на безбедносниот блок е веќе 6,7 отсто од брутодомашниот производ на Русија.

„Приоритет на Кремљ во моментов е војната“, вели Прокопенко, која претходно има работено во Руската централна банка „И тие веруваат во воениот кејнезијанизам, односно во фактот дека со помош на инвестиции во воено-индустрискиот комплекс може да се поттикне економскиот раст за долг период“.

Значи, новиот човек во руското Министерство за одбрана треба да помогне за војната да биде порентабилна за Русија.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик